Септември 2025

Еднодневен семинар на „Арс Ламина“ и Hueber Verlag

Во пријатниот амбиент на книжарницата „Литература.мк“ во Дајмонд мол – Скопје, на 12 септември 2025 година се одржа еднодневен семинар во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и германскиот издавач Hueber Verlag од Минхен.

На настанот присуствуваа наставници по германски јазик од средните училишта низ Македонија, а семинарот го водеше Ивана Хорватинчиќ Ајаји, долгогодишна советничка и обучувачка за Hueber Verlag, со богато искуство во наставата по германски и англиски јазик.

Темата на семинарот – „Генерацијата Алфа во училница: што ги мотивира, што им е потребно?“ – беше реализирана преку презентација на новиот учебник за прва година гимназиско образование „Ein tolles Team“, чиј застапник и дистрибутер за Македонија е „Арс Ламина“.

Наставниците имаа можност да се запознаат со содржините на новиот учебник, да дискутираат за карактеристиките и потребите на генерацијата Алфа, да разменат искуства од наставата и да испробаат интерактивни активности за подинамична и помотивирачка настава.